ПРВ.мк
Свет

(ВИДЕО) ГОЛЕМА АКЦИЈА ВО МЕКСИКО: Уапсен еден од најмоќните наркобосови, улиците се претворија во бојно поле!

(ВИДЕО) ГОЛЕМА АКЦИЈА ВО МЕКСИКО: Уапсен еден од најмоќните наркобосови, улиците се претворија во бојно поле!

Мексиканската војска наводно го уапсила Фаусто Исидро Меза Флорес, познат како „Ел Чапо Исидро“, кој важи за еден од најбараните криминалци од страна на американското Федерално истражно биро (ФБИ).

Веста за неговото наводно апсење предизвикала големо внимание, а операцијата во мексиканската сојузна држава Синалоа била проследена со вооружени судири. Поради пукањето, навивачите на бејзбол-натпревар во градот Гвасаве морале итно да го напуштат стадионот.

Неколку мексикански медиуми објавиле дека Меза Флорес е уапсен, но Си-Ен-Ен наведува дека сè уште се обидува да добие независна потврда од мексиканските власти за неговото приведување.

Меза Флорес е лидер на криминалната организација Меза-Флорес, со седиште во Гвасаве, позната и како „Лос Масатлекос“. Според потерницата на ФБИ, тој се поврзува со поседување, дистрибуција и внесување големи количества хероин, метамфетамин, кокаин, фентанил и марихуана во САД.

Американското ФБИ нуди награда од пет милиони долари за информации што би довеле до негово апсење.

Меза Флорес бил обвинет во 2019 година за кршење на законите поврзани со трговија со дрога и поседување огнено оружје, а уште во 2012 година против него биле поднесени обвиненија за трговија со наркотици.

Американското Министерство за финансии во 2013 година соопштило дека картелот Меза-Флорес учествувал во исклучително насилна борба за територија со ривалскиот картел Синалоа, кој во тоа време го предводел Хоакин „Ел Чапо“ Гузман. Гузман денес издржува затворска казна во американски затвор.

За време на операцијата во Гвасаве избувнале вооружени судири меѓу мексиканската војска и вооружени лица. На видеоснимка што ја верификувал Си-Ен-Ен се гледа рафална стрелба од хеликоптер на мексиканските безбедносни сили над градот.

Локалните власти потврдиле дека имало напад врз припадници на федералните сили.

Поради пукањето на стадионот „Курода Парк“, навивачите го напуштиле бејзбол-натпреварот меѓу екипите „Венадос де Масатлан“ и „Алгодонерос де Гвасаве“. И играчите побегнале од теренот, а телевизискиот пренос на натпреварот бил прекинат.

Засега останува неизвесно дали Меза Флорес навистина е уапсен, бидејќи мексиканските власти сè уште немаат дадено независна официјална потврда за информацијата.

ВИДЕО