Основното јавно обвинителство Битола поднесе обвинителен предлог против едно лице за телесна повреда при вршење семејно насилство, откако, според обвинението, физички ја нападнал својата девојка во нивниот дом.
Според наводите на обвинителството, инцидентот се случил на 10 ноември, по вербална расправија меѓу двајцата. Обвинетиот наводно ја удирал девојката по лицето со тупаници и шамари, а потоа ја стегал за вратот и устата.
Од нападот жената се здобила со површинска телесна повреда, неколку нагмечувања и крвни подливи.
Од Обвинителството информираат дека во текот на постапката за прибирање докази на лицето му била определена мерка притвор поради опасност од бегство и можност за повторување на насилството.
Како дополнителна околност биле земени предвид информациите дека обвинетиот непосредно по настанот избегал од полициска станица, по што неколку дена бил недостапен за надлежните органи.
Бидејќи јавниот обвинител оценува дека причините за притвор и натаму постојат, заедно со обвинителниот предлог до судот е доставено и барање за продолжување на мерката притвор.
Лицето се товари за кривично дело „Телесна повреда“, согласно член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.







