Двајца 42-годишни жители на Гевгелија се лишени од слобода под сомнение дека во повеќе наврати краделе различни предмети од деловни објекти во близина на браната „Конско“. Полицијата извршила претреси на повеќе локации, при што биле пронајдени и одземени украдените предмети.
На 19 ноември 2026 година во ОВР Гевгелија било пријавено дека од мобилни монтажни објекти во атарот на селото Старо Конско, сопственост на правен субјект од Гевгелија, со употреба на физичка сила и соодветен алат биле одземени повеќе предмети, меѓу кои делови од столаријата, радијатори и други работи.
По преземените полициски мерки, во близина на местото бил затекнат Н.Д. (42) од Гевгелија, кој со патничко возило и приколка превезувал предмети. Тој веднаш бил лишен од слобода, а по дополнителните проверки бил приведен и Л.С. (42), исто така од Гевгелија.
Двајцата се сомничат дека во текот на октомври и ноември 2026 година, во повеќе наврати, од деловни објекти на правното лице лоцирани кај браната „Конско“ одземале делови од столарија, мебел, бела техника, радијатори, панел и други предмети.
Врз основа на судски наредби, полициските службеници извршиле претреси на повеќе локации во Гевгелија што ги користеле осомничените. При претресите биле пронајдени и одземени предметите, кои ќе му бидат вратени на нивниот сопственик.
За случајот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, а по целосното документирање на настаните против двајцата ќе биде поднесена кривична пријава.






