Данска презема дополнителни мерки против Русија, откако нејзините власти истражуваат наводен заговор за убиство на украинскиот рапер Кивстонер на данска територија. Копенхаген му наредил на рускиот воен аташе да ја напушти земјата во рок од седум дена, а најави и ограничување на издавањето визи за руски државјани за патувања кои не се неопходни.
„Јасно ставаме до знаење дека ве прочитавме. Доста е, и тоа одамна“, изјавил данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен, пренесе данскиот јавен сервис ДР.
Тој предупредил дека протерувањето на рускиот воен аташе ќе има дипломатски последици, но нагласил дека Данска ќе продолжи да ја поддржува Украина.
Расмусен најавил дека владата планира да ја укине обврската за прифаќање бродови поврзани со Русија, а за ограничувањето на издавањето визи за руски државјани ќе разговара и со другите земји од Шенген-зоната. Посебно ја посочил Франција, за која рекол дека издава голем број визи на руски државјани.
Сепак, Данска нема да ги протера сите руски дипломати, бидејќи, како што објаснил министерот, неопходно е да се зачуваат каналите за комуникација со Москва.
Мерките се најавени во време кога данските власти истражуваат наводен заговор за ликвидација на украинскиот рапер Кивстонер, чие вистинско име е Алберт Васиљев. Според сомневањата на истражителите, двајца дански државјани биле регрутирани од руските разузнавачки служби со цел да го убијат раперот пред неговиот концерт, планиран за 25 септември во близина на Копенхаген.
Двајцата осомничени биле уапсени непосредно пред планираниот настап, кој потоа бил откажан. Тие ги негираат обвинувањата.
Шефот на данската разузнавачка служба ПЕТ, Расмус Кифeр-Кристенсен, во петокот изнел тврдење дека руската разузнавачка служба стоела зад планот за убиство на американско-украинскиот рапер.









