Разорна бура со ветрови посилни од 100 километри на час го погоди јужниот дел на Бразил, при што животот го загубиле три лица, а околу 5.000 домови биле уништени или оштетени. Спасувачките екипи се на терен и се обидуваат да им помогнат на настраданите, додека се проверува дали под урнатините има уште заглавени лица.
Најтешко погоден е градот Тупансирета, во сојузната држава Рио Гранде до Сул. Силното невреме го зафатило местото во раните утрински часови во петокот, проследено со обилни врнежи и налети на ветер кои достигнувале брзина од дури 114 километри на час.
Според локалните власти, уништени се голем број објекти, а околу 100 дрвја биле откорнати од корен. Градот, во кој живеат околу 20.000 жители, останал без електрична енергија и вода.
„Ова е нешто што никогаш претходно не сме го виделе. Изгледа како сцена од филм. Болницата беше целосно отсечена поради дрвјата што паднаа насекаде, а блокирани беа и пристапните патишта до градот. Градот е уништен“, изјавил градоначалникот Густаво Хертер за локалните медиуми.
Невремето предизвикало сериозни оштетувања и на болницата, чиј покрив бил уништен. Поради тоа, 11 пациенти морале да бидат префрлени во други здравствени установи.
Бурата започнала околу три часот наутро и траела помалку од еден час, но последиците биле катастрофални. Освен Тупансирета, штети пријавиле уште 32 градови и општини во регионот.
По трагичните последици реагирал и претседателот на Бразил, Луис Инасио Лула да Силва, кој наредил итните служби да бидат испратени во погодената област.
Бразилската цивилна заштита ја опишала временската појава како суперќелијска бура – исклучително силен олуен систем со ротирачки воздушни струења, кој може да предизвика и торнадо.
Надлежните не ја исклучуваат можноста градот да бил погоден токму од торнадо, но конечната причина и природата на разорната појава допрва треба да бидат утврдени.









