ПРВ.мк
Балкан

АНГЕЛСКАТА НАСМЕВКА ШТО НЕ СЕ ЗАБОРАВА: Осамна прекрасен мурал посветен на убиеното девојче - еве по што ќе ја паметат!

АНГЕЛСКАТА НАСМЕВКА ШТО НЕ СЕ ЗАБОРАВА: Осамна прекрасен мурал посветен на убиеното девојче - еве по што ќе ја паметат!

На фасадата на станбена зграда во улицата „27 Март“ во Белград е насликан трогателен мурал посветен на Ана Божовиќ, едно од деветте деца кои трагично го загубија животот во масакрот во основното училиште „Владислав Рибникар“ на 3 мај 2023 година.

Иницијативата за ова уметничко дело ја покренале соседите, пријателите и семејството, со желба ликот на Ана да остане трајно присутен во улицата во која живеела. Муралот го изработил познатиот уметник Андреј Жикиќ, познат како Артез.

По завршувањето на делото, семејството Божовиќ-Радичевиќ упатило емотивна благодарност до сите кои помогнале во реализацијата на идејата.

„Денес на нашата зграда во улицата 27 Март осамна мурал посветен на сеќавањето на нашата ќерка, нашиот ангел Ана Божовиќ. Им благодариме на нашите драги пријатели, соседи и семејството за иницијативата и поддршката. Посебна благодарност упатуваме до прекрасниот уметник, но пред сè голем човек, Андреј Жикиќ – Артез, за муралот посветен на нашата Ана“, наведува семејството.

Тие се заблагодариле и на продавницата за уметнички и креативни материјали „Signit Colors“, која донирала бои за изработката на муралот.

Ана останала запаметена како ведро, несебично и енергично девојче. Била талентирана за хип-хоп, тренирала теквондо и имала силно чувство за правда. Нејзините блиски ја паметат како дете кое секогаш застанувало во одбрана на послабите.

Кога на некое дете ќе му се заглавела топката на дрво, Ана била меѓу првите кои без двоумење се качувале за да му помогнат. Токму таквите мали, но значајни гестови ја опишувале нејзината добрина и храброст.

Растела опкружена со љубовта на родителите Нинела и Иван и својот брат. На кобниот 3 мај 2023 година била распоредена како дежурна ученичка во холот на училиштето, каде што нејзиното детство трагично било прекинато.

Муралот во Белград сега претставува траен спомен за девојчето кое семејството, пријателите и соседите никогаш нема да го заборават.