Новиот состав на Собранието на Србија привлече големо внимание во јавноста, не само поради изборот на новиот претседател Александар Чупиќ од Студентската листа, туку и поради имињата на познатите спортисти кои ќе седнат во пратеничките клупи.
Меѓу новите пратеници има неколку спортски легенди кои оставиле длабока трага во српскиот и светскиот спорт. Но, покрај нивните спортски достигнувања, внимание привлекува и прашањето колку ќе ги чинат граѓаните нивните пратенички функции.
Според важечката основица за пресметка на платите, која се применува од јануари 2026 година, нето основицата изнесува 15.207,21 динари. Кога оваа сума ќе се помножи со законскиот коефициент од 8,60 за пратеник кој е професионално ангажиран во Собранието, се добива месечна основна плата од околу 130.782 динари.
Сепак, не сите пратеници ќе добиваат примања на ист начин. Оние кои се вработени со полно работно време во Собранието имаат право на пратеничка плата, додека пратениците кои работат кај друг работодавач, вршат самостојна дејност или се пензионери можат да изберат соодветен начин на остварување на примањата, согласно законот.
Покрај основната плата, пратениците имаат право и на посебен месечен додаток за вршење на пратеничката функција, кој изнесува 40 проценти од платата на пратеникот на постојана работа. Тоа значи дека при основна плата од околу 130.782 динари, додатокот би изнесувал приближно 52.313 динари.
Дополнително, пратениците можат да добијат и надомест за патни трошоци поврзани со присуството на собраниските седници и седниците на работните тела. Висината на надоместокот зависи од исполнувањето на условите и евидентираните трошоци.
КОИ ПОЗНАТИ СПОРТИСТИ СТАНАА ПРАТЕНИЦИ?
Меѓу имињата кои привлекуваат најголемо внимание е легендарниот кошаркар Дејан Бодирога, кој се наоѓа на 24. место на Студентската листа. Во својата кариера освои олимписко сребро во Атланта во 1996 година, две светски злата и три титули европски шампион. Тој не присуствувал на гласањето за избор на претседател на Собранието.
На листата „Обединета Србија – Александар Вучиќ“ се наоѓа и неговиот поранешен репрезентативен соиграч Жељко Ребрача, кој е на 19. позиција. Ребрача настапуваше за Партизан, Бенетон и Панатинаикос, а играше и во НБА-лигата за Детроит, Атланта и Лос Анџелес Клиперс. Во својата кариера освои две европски клупски титули и повеќе медали со репрезентацијата на Југославија.
Пратенички мандат добива и кошаркарскиот тренер Ѓорѓо Ѓорѓиќ, кој се наоѓа на 66. место на листата „Обединета Србија“. Тој беше дел и од претходниот собраниски состав, кога настапуваше како претставник на опозициската Партија на слободата и правдата.
Меѓу новите пратеници е и Татјана Петровиќ Ропрeт, една од позначајните личности во српското карате. Таа беше на 64. место на Студентската листа и е позната по бројните светски и европски медали, како и по заложбите за развој на спортот кај децата и подобрување на положбата на жените во спортот.
Така, новиот собраниски состав ќе го сочинуваат и познати спортски имиња, чии кариери досега беа поврзани со медали, титули и репрезентативни настапи, а сега пред нив е нова улога во политичкиот живот на Србија.






