ПРВ.мк
Балкан

ЧУПИЌ ДОБИ ПОКАНА ЗА САМИТ ВО БРИСЕЛ: Сепак, нема да присуствува – еве ја причината!

ЧУПИЌ ДОБИ ПОКАНА ЗА САМИТ ВО БРИСЕЛ: Сепак, нема да присуствува – еве ја причината!

Александар Чупиќ, претседател на Народното собрание и вршител на должноста претседател на Србија, добил покана да учествува на самитот ЕУ – Западен Балкан, кој на 25 ноември ќе се одржи во Брисел. Сепак, од Делегацијата на Европската Унија во Србија информирале дека тој изразил жалење што нема да може да присуствува на состанокот.

Поканата ја упатил претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. Во фокусот на самитот ќе бидат европските интеграции на земјите од регионот, безбедносната соработка, дијалогот меѓу Белград и Приштина, како и актуелната геополитичка состојба.

Европската Унија на средбата со лидерите од регионот ќе ја претставуваат претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Шефовите на држави и влади на земјите членки на ЕУ нема да учествуваат, бидејќи следниот ден ќе имаат претходно закажан специјален самит.

Кошта се огласи и на социјалната мрежа Икс, каде што соопшти дека во телефонски разговор му го честитал на Чупиќ изборот за претседател на Народното собрание и вршител на должноста претседател на Република Србија.

„Србија е дел од европското семејство. Сакаме да чекориме рамо до рамо со српскиот народ на неговиот пат кон европската иднина. Со нетрпение очекувам наскоро да го пречекам во Брисел на средба во живо“, напишал Кошта.

Во меѓувреме, Чупиќ и вршителот на должноста шеф на Делегацијата на Европската Унија во Србија, Џулијан Васало, разговарале за европскиот пат на земјата, реформите и следните чекори во пристапните преговори со Унијата. На средбата присуствувале и претставници на Студентското движење.

Од Делегацијата на ЕУ истакнале дека Народното собрание има важна улога во спроведувањето на реформите потребни за напредокот на Србија кон членство во Унијата.

Посебен акцент бил ставен на владеењето на правото и преговарачките поглавја 23 и 24, кои се однесуваат на правосудството, основните права, правдата, слободата и безбедноста.

Учесниците ја нагласиле потребата од зајакнување на демократските институции, зачувување на независноста на правосудството, унапредување на слободата на медиумите и подобра јавна комуникација за процесот на европска интеграција.

Било договорено и одржување дополнителни технички разговори во други области, особено во образованието, енергетиката и животната средина.

Од Делегацијата на ЕУ ја повториле посветеноста на политиката на проширување и поддршката за Србија, нагласувајќи дека континуираното спроведување на реформите е неопходно за напредок во преговорите за членство.

Иако нема да присуствува на претстојниот самит во Брисел, Чупиќ порачал дека новото раководство на Србија ѝ придава големо значење на соработката со Европската Унија и дека односите со ЕУ, како и напредокот во суштинските реформи, остануваат меѓу највисоките приоритети.

Најнови вести