Двајца загинати, меѓу кои и седумгодишно дете, и дури 58 повредени лица е трагичниот биланс од рускиот балистички ракетен напад врз центарот на украинскиот град Криви Рог, во Дњепропетровската област, во петокот вечерта, на 20 ноември.
Во нападот животот го загубиле седумгодишно момче и 20-годишен болничар, додека меѓу повредените има и четири деца. Според информациите што ги соопштил шефот на Советот за одбрана на Криви Рог, Олександр Вилкул, 27 лица се во тешка здравствена состојба.
Цел на нападот биле делови од центарот на градот, паркинг во близина на популарен ресторан, болница, станбени згради и деловни објекти. Според првичните информации, оштетени биле најмалку 23 станбени згради.
Особено загрижувачки е фактот што, додека спасувачките екипи се обидувале да им помогнат на повредените, руските дронови „Шахед“ повторно ја нападнале истата локација.
Вилкул соопштил дека биле регистрирани уште три удари со дронови за време на спасувачката операција, обвинувајќи ги руските сили дека намерно ги изложуваат на опасност спасувачите, лекарите и комуналните работници.
Седумгодишното момче, кое по нападот било пренесено во болница во исклучително тешка состојба, подоцна им подлегнало на повредите на одделението за интензивна нега.
Криви Рог е родниот град на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Нападот се случил еден ден по изјавите на рускиот претседател Владимир Путин, кој се закани со одговор на украинските напади врз Кримскиот мост.









