Полицијата расчисти случај на тешка кражба извршена во приватна здравствена установа во Виница, од каде биле украдени лични предмети на вработени. За делото е осомничен 31-годишен жител на Виница, кај кого биле пронајдени сите предмети што потекнуваат од кражбата.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, кражбата била извршена на 19 ноември 2026 година. Од шкафовите на дел од вработените во здравствената установа биле одземени нивни лични предмети.
По преземените мерки за расветлување на случајот, полициски службеници од ОВР Виница, со судска наредба, извршиле претрес во домот на Г.П. (31) од Виница.
При претресот биле пронајдени и одземени сите предмети кои потекнуваат од кривичното дело.
За случајот е известен јавен обвинител, а по целосното документирање на настанот против осомничениот ќе следува соодветна кривична пријава.






