Утрово во местото Бајице, на Цетиње, бил убиен Милош Ѓуричковиќ (56), за кого медиумите наведуваат дека бил наводен член на организирана криминална група од Шкаљари. Полицијата го блокирала потесното и поширокото подрачје, како и околните патни правци, а во тек е потрага по сторителот.
Од полицијата информираат дека утрово дежурната служба на Одделението за безбедност Цетиње добила пријава дека во Бајице е пронајдено безживотно тело на маж.
Особено внимание привлекува фактот што до полицијата не била пријавена употреба на огнено оружје. Наместо тоа, случајот го пријавил граѓанин кој го затекнал телото.
„На Одделението за безбедност Цетиње не му била пријавена употреба на огнено оружје, туку граѓанин пријавил дека затекнал безживотно тело“, соопштиле од полицијата.
По пристигнувањето на местото, полициските службеници утврдиле дека мажот бил убиен со огнено оружје.
Полициските екипи воспоставиле блокада на поширокото подрачје и на патните правци, додека службениците на Управата на полицијата, во координација со државен обвинител од Вишото државно обвинителство во Подгорица, преземаат мерки за идентификување и пронаоѓање на сторителот, како и за целосно расветлување на убиството.
Од црногорската полиција посочуваат дека сите расположливи капацитети се ангажирани во истрагата.









