Петнаесет лица се повредени во пожар што синоќа избувнал во болница во берлинската населба Лихтенберг, во источниот дел на германската престолнина. Според првичните информации од полицијата, постои сомнеж дека пожарот го предизвикал пациент кој ја запалил постелата во својата болничка соба.
Огнот избувнал во соба на првиот кат од болничкиот објект, а пожарникарските екипи брзо интервенирале за да го стават под контрола. Иако пламенот бил изгаснат, чадот се проширил низ дел од просториите, што наложило евакуација на дел од болницата за да се обезбеди безбедноста на пациентите и персоналот.
Од вкупно 15 повредени, 13 лица се здобиле со полесни повреди. Медицинска помош била укажана и на една медицинска сестра и на пациентот за кој постојат сомневања дека го предизвикал пожарот, поради вдишување чад.
Медицинската сестра по амбулантскиот третман била пуштена дома, додека пациентот бил задржан во болницата на понатамошно лекување.
Надлежните служби продолжуваат со истрагата за да ги утврдат точните причини и околностите под кои избувнал пожарот, како и да ги разјаснат сите детали поврзани со инцидентот.









