Семејството на 32-годишниот Кристијан Јосип Периш, кој почина во психијатриска клиника во Загреб, се откажа од барањето здравствената установа да го носи неговото име. Неговите блиски сметаат дека таквата промена би била лицемерна, особено затоа што, како што тврдат, во клиниката сè уште работат лица кои им давале невистинити информации за околностите во кои починал Кристијан.
Одлуката доаѓа откако Градот Загреб најави дека ќе го разгледа нивното барање за преименување на Клиниката за психијатрија „Свети Иван“, пишува „Јутарњи лист“.
Семејството објаснува дека преименувањето на клиниката било поставено како последно, односно петто барање во нивната листа, додека пред него биле наведени четири други барања кои, според нив, се многу поважни и се однесуваат на утврдување на одговорноста за случајот и спречување вакви настани во иднина.
Блиските на Периш сметаат дека најавата за преименување на установата во која тој починал не може да биде прифатлива додека не се расчистат околностите и додека не се утврди одговорноста на лицата за кои тврдат дека ги довеле во заблуда.
„Семејството смета дека ова е чисто политизирање, бидејќи таму сè уште работат лица што нè лажеа за смртта на Кристијан. Во такви околности, самото преименување е лицемерно“, порачале неговите блиски.
Идејата клиниката да го носи името на Кристијан Периш првично ја предложила неговата свршеница, а семејството во почетокот се согласило со предлогот. Таа била присутна во болницата во периодот кога Кристијан бил хоспитализиран, но, според семејството, персоналот ѝ кажал да се врати дома.
Сега неговите блиски целосно го повлекуваат барањето за преименување, нагласувајќи дека нивниот приоритет е да се утврди одговорноста на сите лица кои, според нивните сомневања, биле вмешани во случајот или во прикривањето на околностите.
„Не сакаме никакво преименување, особено додека во установата работат луѓе што го прикривале кривичното дело и ни кажувале невистини“, наведуваат членовите на семејството.
Тие бараат истрагата да ги опфати и лицата за кои сметаат дека можеби учествувале во прикривањето на случувањата. Воедно, изразуваат сомнеж дека не е случајно што градските власти покажале подготвеност да го разгледаат токму последното од нивните барања.
Семејството поставува и прашања за тоа зошто Градот Загреб не презел активности со кои би се иницирала проверка на боледувањата на вработените во клиниката.
Кристијан Јосип Периш почина на 21 октомври во Клиниката за психијатрија „Свети Иван“, која се наоѓа во загрепската населба Јанкомир. Во текот на неговото болничко лекување биле применети мерки на физичко ограничување, а снимките од надзорните камери, кои подоцна беа објавени во медиумите, предизвикаа сериозни реакции во јавноста поради прикажаното постапување кон пациентот.
Четворица медицински техничари се осомничени за тешко убиство и им е одреден истражен притвор. Здравствената инспекција, во рамки на проверките, утврдила сериозни неправилности во примената и евидентирањето на мерките за физичко ограничување на пациентот.
Снимките од надзорните камери биле прегледани на 4 ноември, односно две недели по смртта на Периш, а директорката на клиниката, Мајда Грах, во меѓувреме поднела оставка.
На 21 ноември, во центарот на Загреб, илјадници граѓани се собраа на комеморација за Кристијан Периш. Присутните кренаа бели перници во знак на протест и побараа одговорност за неговата смрт.







