ПРВ.мк
Црна Хроника

НОВИ ДЕТАЛИ ЗА УБИСТВОТО ВО МАКЕДОНИЈА: 38-годишниот маж бил убиен со еден куршум!

НОВИ ДЕТАЛИ ЗА УБИСТВОТО ВО МАКЕДОНИЈА: 38-годишниот маж бил убиен со еден куршум!

Нови детали излегуваат во јавноста за убиството на 38-годишниот Ш.Е. од скопското село Љубин, чие тело беше пронајдено покрај пат. Според информациите објавени од телевизијата Телма, мажот бил застрелан со еден куршум во ногата, а повредата била причина за неговата смрт.

Резултатите од обдукцијата покажале дека куршумот погодил голема артерија во ногата, по што настанало обилно крварење. Според утврдените наоди, токму последиците од повредата довеле до смртта на 38-годишниот маж.

Неговото тело било забележано од граѓанин кој минувал по патот на кој се случило убиството. Тој околу 6:15 часот го пријавил случајот во полицијата, по што надлежните започнале со преземање мерки за расветлување на настанот.

Во рамки на истрагата, полицијата ги проверува и снимките од камерите на системот „Сејф сити“, поставени на повеќе клучки долж скопската обиколница, со цел да се утврди дали на критичното време низ тие локации поминувале сомнителни возила. Се анализираат и снимки од други безбедносни камери кои би можеле да помогнат во утврдувањето на околностите и движењето поврзано со случајот.

Од надлежните институции се очекуваат дополнителни информации за убиството и текот на истрагата.