Мажот Е. А. е уапсен во Гњилане поради сомневање дека измамил граѓани во Косово и во дијаспората, собирајќи пари за наводно лекување од акутна леукемија, иако, како што е утврдено со проверка, не боледува од таа болест, соопшти Основното обвинителство во Гњилане.
Според соопштението на обвинителството, осомничениот од 9 ноември оваа година, со намера да прибави имотна корист, измислил приказна за болеста и отворил профил на платформата „GoFundMe“, преку кој организирал собирање пари за наводно лекување и рехабилитација.
На овој начин, како што се наведува, собрани се вкупно 189.206,08 евра.
Основното обвинителство во Гњилане соопшти дека, по добивањето на првите информации, во соработка со полицијата веднаш реагирало и ги блокирало собраните пари на сите банкарски сметки евидентирани во врска со случајот. Осомничениот потоа бил ставен на полициска потерница.
Уапсен е на 21 ноември околу 22 часот, а со одлука на државниот обвинител му е одреден притвор во траење од 48 часа.
Обвинителството најави дека во законскиот рок до Основниот суд во Гњилане ќе поднесе барање за определување мерка притвор.
Случајот се води поради сомневање за кривично дело измама според член 323 од Кривичниот законик.







