ПРВ.мк
Црна Хроника

(ВОЗНЕМИРУВАЧКО ВИДЕО) ПРОНАЈДЕНИ МРТВИ КУЧИЊА, АНИМА МУНДИ БАРА ИСТРАГА: Кој ги уби и повторно ли никој нема да одговара?

(ВОЗНЕМИРУВАЧКО ВИДЕО) ПРОНАЈДЕНИ МРТВИ КУЧИЊА, АНИМА МУНДИ БАРА ИСТРАГА: Кој ги уби и повторно ли никој нема да одговара?

Повеќе кучиња биле пронајдени мртви, едно до друго, на отворен јавен простор во скопската населба Бутел. Од организацијата за заштита на животните „Анима Мунди“ изразуваат сомнеж дека животните биле отруени и бараат итно постапување од надлежните институции за да се утврдат причините за нивната смрт и да се открие евентуалниот сторител.

„Повеќе кучиња, кои изгледаат како да се од исто легло, пронајдени се мртви, едно покрај друго, на отворен јавен простор во населбата Бутел, Скопје. Според информациите со кои располагаме, животните се отруени“, наведуваат од „Анима Мунди“.

Од организацијата посочуваат дека особено загрижува фактот што сите животни биле пронајдени на истата локација, поради што бараат да се утврди дали таму биле отруени или, пак, некој ги донел и ги оставил на местото. Тие отвораат и прашања за потеклото на кучињата, дали имале сопственик и дали станува збор за животни од исто легло.

Од „Анима Мунди“ упатуваат итен апел до Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за храна и ветеринарство да излезат на терен, да извршат увид, да обезбедат докази и да ја утврдат причината за смртта на животните. Воедно, бараат да се прегледаат снимките од околните безбедносни камери, со цел да се утврди што се случувало на локацијата и да се открие кој евентуално е одговорен за случајот.

Организацијата предупредува дека употребата на отров претставува сериозна опасност не само за животните, туку и за луѓето, бидејќи отровните материи можат да загрозат и други животни, но и човечки животи, особено ако дојдат во контакт со нив деца.

Тие потсетуваат дека членот 233 од Кривичниот законик предвидува санкции за убивање животни без оправдана причина и за нивно мачење, поради што бараат случајот да биде темелно истражен и да има одговорност доколку се утврди сторено кривично дело.

„Бараме итна истрага, институционално постапување и одговорност. Не дозволуваме уште еден ваков случај да заврши со институционална штама и заборав.

Кој ги уби овие животни? Кој ги остави таму? И повторно ли никој нема да одговара?“, прашуваат од „Анима Мунди“ во своето соопштение.

Најнови вести