ПРВ.мк
Црна Хроника

(ВИДЕО) МOMЧЕ ПРЕЖИВЕА 14 ЧАСА ПОД УРНАТИНИ: Спасувачите го извлекоа жив, во зградата загинаа 11 лица!

(ВИДЕО) МOMЧЕ ПРЕЖИВЕА 14 ЧАСА ПОД УРНАТИНИ: Спасувачите го извлекоа жив, во зградата загинаа 11 лица!

Седумгодишно момче успеало да преживее речиси 14 часа заробено под урнатините на станбена зграда во украинското место Димер, во Киевската област, по руски напад. Спасувачките екипи успеале да го пронајдат и извлечат живо, а детето било пренесено во болница во стабилна состојба. Во нападот врз зградата, според украинските власти, загинале најмалку 11 лица.

Петкатната станбена зграда во Димер била погодена во неделата околу 5 часот наутро, во моментот кога жителите спиеле. Според информациите што ги пренесува „Ројтерс“, спасувачите со часови работеле на расчистување на урнатините и извлекување на затрупаните лица.

Момчето, кое се вика Давид, било извлечено по речиси 14 часа од почетокот на спасувачката операција. Украинските власти потврдија дека е пренесено на медицинска нега и дека неговата здравствена состојба е стабилна.

Во истата зграда спасувачите успеале да извлечат и 79-годишна жена, која под урнатините поминала дури 22 часа. И таа била пренесена во болница по спасувањето.

Во обемната операција биле ангажирани пожарникари, полицајци, медицински екипи, експерти за експлозивни направи, како и спасувачи со службени кучиња. Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека на терен биле распоредени повеќе од 130 лица кои учествувале во спасувањето и потрагата по затрупаните жители.

Работата на спасувачките екипи не се одвивала непрекинато, бидејќи неколкупати била прекинувана поради нови воздушни тревоги и опасност од напади со беспилотни летала. И покрај ризиците, спасувачите продолжиле со потрагата по луѓе кои можеби останале под урнатините.

Според досегашните информации на украинските власти, во нападот врз Димер загинале најмалку 11 лица. Бројот на жртвите се зголемувал во текот на операцијата, додека екипите извлекувале тела од оштетената зграда.

Во одделен напад врз семејна куќа во областа Била Церква загинало уште едно лице.

Украинските власти соопштија дека во текот на неделата биле погодени и други населени места во Киевската област. Меѓу нив е и Вишневе, каде што бил оштетен трговски објект.