Маж (54) бил спасен од вила во Шпанија, каде што 15 часа бил држен во заложништво, врзан за стол, претепан и изложен на смртни закани. Во замката го намамила жена која ја сметал за пријателка, а полицијата по акцијата уапсила двајца осомничени.
Според соопштението на шпанската Цивилна гарда, жената го повикала мажот да дојде по неа во близина на Монтсерат, во регионот на Валенсија, и да ја одвезе до куќата во која престојувала. Меѓутоа, кога пристигнал на договореното место, ја затекнал во друштво на уште еден маж, кого едвај го познавал.
Тие двајца го замолиле да ги одвезе до вилата, а тој не ни насетувал дека возењето ќе се претвори во киднапирање.
Кога пристигнале на имотот, таму ги чекал трет маж. Жртвата набрзо сфатила дека паднала во замка. Киднаперите го совладале, го врзале со јажиња за стол, го тепале и му се заканувале со голема мачета и друго остро оружје.
Мажот го држеле затворен околу 15 часа, период во кој физички го напаѓале, му ускратувале сон и постојано му се заканувале со смрт, наведува Цивилната гарда.
Под присила морал да сними неколку видеопораки за своето семејство, во кои велел дека е добар. На тој начин киднаперите се обидувале да ги спречат неговите најблиски да се посомневаат дека нешто му се случило и да покренат потрага.
Сепак, мажот успеал накратко да стапи во контакт со семејството, да побара помош и да остави траги кои ѝ овозможиле на полицијата да утврди каде се наоѓа. Станува збор за оддалечено подрачје на планината Монтсерат.
По пријавата, припадниците на Цивилната гарда покренале потрага, ја лоцирале вилата и го ослободиле заробениот маж, кој се здобил со повреди од различен степен на тежина.
На местото на настанот се уапсени две лица осомничени за киднапирање – 41-годишна жена и 54-годишен маж. Полицијата за време на акцијата запленила неколку големи сечила и други предмети за кои постои сомневање дека биле користени за време на заложништвото.
Уапсените се товарат за противправно лишување од слобода.
Според досегашните сознанија на истражителите, киднапирањето би можело да биде поврзано со претходен конфликт меѓу вмешаните лица. Истрагата е во тек, а полицијата се обидува да го утврди точниот мотив за нападот и дали во злосторството биле вклучени уште луѓе.







