ПРВ.мк
Балкан

ТРИ ТЕШКИ ПРАШАЊА ПРЕД СРБИЈА: Откриени детали од разговорите зад затворени врати во Брисел – еве што бара ЕУ!

ТРИ ТЕШКИ ПРАШАЊА ПРЕД СРБИЈА: Откриени детали од разговорите зад затворени врати во Брисел – еве што бара ЕУ!

Санкциите кон Русија, дијалогот со Приштина и европската интеграција на Србија биле трите клучни прашања на разговорите меѓу претставниците на Студентската листа и европските функционери во Брисел.

Детали од средбите откри Ана Димитријевиќ, професорка во Деветтата белградска гимназија и кандидатка на Студентската листа, која посочи дека европските претставници покажале поголемо разбирање за приоритетите на делегацијата.

„Прво мора да се занимаваме со сопствениот двор“, порачала Димитријевиќ, нагласувајќи дека борбата против корупцијата, зајакнувањето на институциите, владеењето на правото и слободата на медиумите се меѓу главните приоритети.

Една од најважните теми била можноста Србија да воведе санкции кон Русија.

Димитријевиќ објаснила дека Студентската листа останува на ставот против воведување санкции, наведувајќи ја зависноста од рускиот гас, економската состојба и историското искуство на Србија со меѓународните санкции.

Во однос на Косово, делегацијата ја истакнала безбедноста на населението како најважен приоритет, заедно со здравството, образованието и почитувањето на претходно постигнатите договори.

На средбите се разговарало и за европската иднина на Србија. Димитријевиќ нагласила дека Студентската листа го поддржува продолжувањето на европскиот пат, но смета дека конечната одлука за членство во ЕУ треба да ја донесат граѓаните.

Посебна тема биле и европските фондови наменети за Србија, од кои дел остануваат недостапни поради неисполнети обврски.

Според Димитријевиќ, Брисел бара конкретни планови и стратегии за користење на средствата, а за дел од нив роковите истекуваат кон крајот на годината.

Таа оценила дека Србија треба навремено да ги исполни потребните услови за да не останат неискористени средствата предвидени за земјата.