Игор Додик (37), син на Милорад Додик, е предложен за нов премиер на Република Српска, ентитет во Босна и Херцеговина. Неговата кандидатура ја најави претседателот на Република Српска, Саво Миниќ.
Миниќ на прес-конференција во Бања Лука соопштил дека ќе го предложи Игор Додик за мандатар за состав на новата влада, нагласувајќи дека кандидатурата ја поддржуваат сите партии од владејачкото мнозинство.
Со 37 години, Игор Додик станува најмладиот мандатар во историјата на Република Српска. Се очекува процесот на формирање на владата да заврши до средината на декември.
Игор Додик во 2024 година ја презеде функцијата организациски секретар на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД), а на последните избори освои пратенички мандат во Народното собрание на Република Српска.
Обраќајќи се пред јавноста, тој изјавил дека ќе направи сè за да ја оправда довербата и дека неговите главни приоритети ќе бидат подобрување на животниот стандард и зачувување на уставната положба на Република Српска.
„Можам да ветам дека ќе бидеме храбри и ќе носиме одлуки, дури и ако бидат болни“, порача Игор Додик.
Тој најавил и блиска соработка со властите во Србија, додека во однос на Европската Унија нагласил дека неговата влада ќе биде посветена на европскиот пат доколку Брисел ја почитува позицијата на Република Српска.
Според објавените информации, СНСД и неколку помали партии обезбедиле двотретинско мнозинство во Народното собрание по изборите од 4 октомври.
За избор на новата влада е потребно обично мнозинство, што значи дека Игор Додик има силна парламентарна поддршка за преземање на премиерската функција.








