Смртта на 32-годишниот Кристијан Јосип Периш во психијатриската болница „Свети Иван“ во Загреб предизвика силни реакции во хрватската јавност, а угледни психијатри остро го осудија постапувањето на медицинскиот персонал кон пациентот.
Според објавените информации, четворица медицински техничари се осомничени за тешко убиство, откако Периш починал при интервенција во болницата.
Снимките од надзорните камери, кои се појавија во јавноста, прикажуваат насилно постапување кон пациентот, вклучувајќи физичко притискање и употреба на перница во пределот на лицето.
„Перница не постои во ниту еден протокол. Никогаш во кариерата не сум видел вакви сцени“, изјавил угледен психијатар за хрватскиот „Национал“.
Тој објаснил дека механичкото ограничување на движењето на пациентите смее да се применува само во исклучителни ситуации, под медицински надзор и со задолжително обезбедување непречено дишење.
Особено го критикувал фактот што, според објавените снимки, лекарка присутна во просторијата не ја прекинала интервенцијата.
„Јас веднаш ќе го запрев тоа. Тоа е должност на лекарот“, нагласил психијатарот.
Колку случајот ја потресол медицинската јавност покажува и реакцијата на пензиониран психијатар, кој со децении работел во болницата.
Според „Национал“, тој заплакал за време на телефонскиот разговор со новинарка, велејќи дека не може да поверува дека такво нешто се случило во установата на која ѝ го посветил својот професионален живот.
Друг психијатар оценил дека трагедијата сериозно ја нарушува довербата во психијатриската професија.
„Со ова се вративме стотици години наназад, во средниот век“, предупредил тој.
Според медиумските извештаи, Периш и претходно бил лекуван во истата болница, а неговото семејство повикало помош пред последната хоспитализација.
Надлежните органи треба да ги утврдат сите околности на трагедијата, вклучувајќи го постапувањето на медицинскиот персонал и евентуалната кривична одговорност.
Случајот повторно го отвори прашањето за заштитата на правата и безбедноста на пациентите во психијатриските установи.








