Безживотно тело на засега непознато лице било пронајдено денеска во шумски предел во близина на манастирот кај белградската населба Сланци, објавуваат српските медиуми.
Според првичните, неофицијални информации, телото го забележале ловци кои го обиколувале теренот во тешко пристапен дел од шумата.
Веднаш по откритието, тие ја известиле полицијата и Итната медицинска помош.
На местото пристигнале полициски екипи, кои го обезбедиле подрачјето и започнале увид, а за случајот било известено и надлежното обвинителство.
Засега не е утврден идентитетот на починатото лице, ниту се познати неговиот пол и возраста.
Исто така, сè уште нема официјални информации колку време телото се наоѓало на местото каде што било откриено, ниту дали постојат видливи траги на насилство.
По наредба на дежурниот обвинител, телото е предвидено да биде пренесено во Институтот за судска медицина, каде што ќе биде извршена обдукција.
Резултатите од обдукцијата и дополнителните анализи треба да помогнат во утврдувањето на причината за смртта.
Надлежните органи продолжуваат со истрагата за расветлување на околностите под кои настапила смртта.








