ПРВ.мк
Црна Хроника

БРОЈОТ НА ЖРТВИ РАСТЕ: 19 мртви, над 600 во болница по сомнеж за масовно труење со алкохол!

БРОЈОТ НА ЖРТВИ РАСТЕ: 19 мртви, над 600 во болница по сомнеж за масовно труење со алкохол!

Најмалку 19 лица починале, а повеќе од 600 биле примени во болници по сомнеж за масовно труење со алкохол во индиската сојузна држава Манипур.

Според локалниот весник „The Sangai Express“, бројот на смртни случаи што се поврзуваат со консумирање сомнителен алкохолен пијалак се зголемил на 19, додека полицијата спроведува истрага за неговото потекло и дистрибуција.

Првично, властите во саботата информирале за 16 починати, но подоцна биле пријавени уште три случаи, меѓу кои и два претходни смртни случаи од 10 и 13 ноември, за кои постои сомнеж дека се поврзани со истиот пијалак.

Над 600 лица побарале болничка помош, а дел од пациентите се наоѓаат на одделенијата за интензивна нега.

Најголем дел од случаите се регистрирани во округот Чандел и околните области.

Во рамки на истрагата, полицијата уапсила шест лица осомничени за поврзаност со продажбата и дистрибуцијата на сомнителниот алкохол.

Властите испратиле примероци од пијалакот на лабораториска анализа за да се утврди неговиот состав и евентуалното присуство на токсични супстанции.

Формирана е и посебна комисија која ќе го испитува потеклото на алкохолот, како и постапувањето на надлежните институции. Комисијата има рок од еден месец да го достави својот извештај.

Точната причина за смртните случаи сè уште не е официјално потврдена, а истрагата треба да утврди дали станува збор за труење со опасни состојки во алкохолниот пијалак.