Според информациите од загрепската полиција, станува збор за 43-годишен маж и 39-годишна жена, кои се осомничени дека набавувале поголеми количества наркотични средства со намера за понатамошна препродажба.
Во рамки на истрагата, полицијата утврдила дека осомничените користеле две куќи во местото Граберје Иваниќко, каде што ја складирале, мереле и препакувале дрогата.
При претресот на првата куќа, извршен на 21 ноември, биле пронајдени 562 грама кокаин, спакувани во пет вакуумирани пакувања, како и 1.012 грама супстанции наменети за зголемување на масата на дрогата.
Полицајците откриле и дигитална вага за прецизно мерење, како и пари за кои постои сомнеж дека потекнуваат од продажба на наркотици.
Во куќата биле пронајдени и полуавтоматска пушка, пиштол „Ругер“ и поголемо количество муниција.
При претресот на втората куќа, полицијата запленила дури 101,4 килограми марихуана, спакувани во две картонски кутии.
По завршувањето на криминалистичката истрага, двајцата осомничени биле предадени на надлежните органи, а против нив е поднесена кривична пријава до обвинителството во Велика Горица.
Против 43-годишниот маж дополнително ќе биде поведена постапка и за прекршување на прописите за набавување и поседување оружје.
Хрватската полиција објави и видеоснимка од големата заплена, на која може да се видат откриените наркотични средства и оружјето.








