Рускиот претседател Владимир Путин ги повика украинските војници да преминат на руска страна, тврдејќи дека тоа би значело да застанат на „вистинската страна на историјата“.
Пораката ја упатил во разговор со српскиот режисер Емир Кустурица, снимен за документарниот филм „Нашето крштевање. Поглавар“, посветен на 80. роденден на рускиот патријарх Кирил.
Содржината на интервјуто била објавена на официјалната интернет-страница на Кремљ.
„Би сакал да им порачам да преминат на наша страна, бидејќи тоа е нашата заедничка страна и вистинската страна на историјата“, изјавил Путин.
Тој нагласил дека не сака директно да ги повикува украинските војници на предавање, бидејќи смета дека таквата формулација би била понижувачка за оние што продолжуваат да се борат.
Рускиот претседател објаснил дека неговата порака не мора да значи повторно обединување на Русија и Украина во една држава, туку, според него, заедништво и соработка меѓу двата народа.
За време на разговорот, Путин повторно ги обвини западните земји дека ја користат Украина за слабеење на Русија, споредувајќи ја нивната политика со принципот „раздели па владеј“.
Тој изнел и тврдења за состојбата на украинската економија, поврзувајќи ги нејзините проблеми со одлуките на претходните украински власти.
Во интервјуто значаен дел бил посветен на православието, традиционалните вредности и историскиот концепт на Москва како „Трет Рим“.
Путин зборувал и за своето детство, откривајќи дека неговата мајка го крстила без знаење на неговиот татко, кој бил член на Комунистичката партија.
Ова не е првпат рускиот претседател да ги повика украинските војници да ја променат страната. Слични пораки упати и на почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.
Путин со години го застапува ставот дека Русите и Украинците се историски поврзан народ, додека украинските власти инсистираат на посебен национален идентитет, државен суверенитет и право на самостојно одлучување.
Војната во Украина продолжува по руската инвазија започната на 24 февруари 2022 година, а ставовите на Москва и Киев за иднината на двете држави остануваат суштински различни.









