ПРВ.мк
Црна Хроника

СЕКОЕ ДЕСЕТТО ДЕТЕ СЕ СООЧИЛО СО СЕКСУАЛНА ЗЛОУПОТРЕБА НА ИНТЕРНЕТ: Загрижувачки податоци од УНИЦЕФ!

СЕКОЕ ДЕСЕТТО ДЕТЕ СЕ СООЧИЛО СО СЕКСУАЛНА ЗЛОУПОТРЕБА НА ИНТЕРНЕТ: Загрижувачки податоци од УНИЦЕФ!

Околу 12.000 деца на возраст од 12 до 17 години во Македонија биле изложени на сексуална експлоатација или злоупотреба преку интернет, покажуваат податоците од истражување на УНИЦЕФ што ги пренесува 4news.mk.

Според истражувањето, секое десетто дете кое користело интернет се соочило со некаква форма на онлајн сексуална злоупотреба или експлоатација.

Особено загрижува фактот што во 78 проценти од случаите лицето кое ја извршило злоупотребата било познато на детето.

Иако речиси 88 отсто од децата споделиле со некого што им се случило, помалку од еден процент го пријавиле случајот преку официјалните механизми.

Овие податоци укажуваат на сериозен јаз меѓу искуствата на децата и институционалното пријавување на злоупотребата.

Дополнителен предизвик претставува недостигот од национална линија за пријавување материјали со сексуална злоупотреба на деца на интернет.

Преку неодамна воспоставен сервис за пријавување на социјалните медиуми досега биле евидентирани 25 пријави, од кои 93 проценти биле поднесени од лица од женски пол.

Загрижувачки се и податоците поврзани со менталното здравје на најмладите. На бесплатната СОС-линија „Ало Бушавко“, која функционира во рамки на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, до 18 ноември биле регистрирани 360 случаи, а бројот на дојави се зголемил за 25 проценти.

Организациите за заштита на децата предупредуваат дека дигиталниот простор носи сериозни ризици и бара засилена превенција, подобра едукација на родителите и децата, како и поефикасни механизми за пријавување.

Експертите повикуваат на поголема соработка меѓу институциите, училиштата и семејствата, со цел навремено препознавање и спречување на сексуалната злоупотреба на децата на интернет.