Игор Додик, 37-годишниот син на Милорад Додик, е предложен за нов премиер на Република Српска, а формирањето на новата влада се очекува да заврши до средината на декември.
Според информациите што ги пренесува хрватската агенција Хина, Саво Миниќ во неделата во Бања Лука потврдил дека Игор Додик е предложен за мандатар и дека одлуката ја поддржуваат сите партии од владејачкото мнозинство.
Игор Додик во 2024 година ја презеде функцијата организациски секретар на СНСД, а на последните избори освои и пратенички мандат во Народното собрание на Република Српска.
„Игор Додик е најмладиот мандатар во историјата на Република Српска. Очекувам да формира влада и да го заврши процесот до средината на декември“, изјавил Миниќ.
По објавувањето на номинацијата, Игор Додик порача дека ќе направи сè за да ја оправда довербата, посочувајќи дека неговите приоритети ќе бидат подобрувањето на животниот стандард и зачувувањето на уставната положба на Република Српска.
„Можам да ветам дека ќе бидеме храбри и ќе носиме одлуки, дури и кога тие ќе бидат болни“, изјавил помладиот Додик.
Тој најавил блиска соработка со властите во Србија, додека во однос на Европската Унија истакнал дека неговата влада ќе биде ориентирана кон европските интеграции доколку ЕУ ја почитува Република Српска.
Неговиот татко, Милорад Додик, претходно го опиша Игор како едно од најперспективните имиња во СНСД, нагласувајќи дека не сака да го попречува неговиот политички напредок само затоа што му е син.
Владејачката коалиција, предводена од СНСД, по изборите на 4 октомври обезбеди двотретинско мнозинство во Народното собрание.
За Игор Додик официјално да ја преземе премиерската функција, потребно е парламентот да го потврди составот на новата влада.








