Повеќе од две децении по апсењето на Светлана Цеца Ражнатовиќ, поранешна чуварка во Централниот затвор во Белград открила детали за четирите месеци што српската фолк-ѕвезда ги поминала зад решетки во 2003 година.
Цеца била приведена за време на полициската акција „Сабја“, во рамки на истрага поврзана со трансфери на фудбалери од ФК Обилиќ и нелегално поседување оружје.
Според поранешната чуварка, пејачката немала никакви привилегии и морала да ги почитува истите правила како и останатите притворенички.

„Често плачеше, а еден ден од бес самата си ја искорна надградената коса. Извесно време беше сама во ќелија, а потоа ја преместивме со други жени, иако молеше да остане сама“, раскажала чуварката.
Таа открила и дека Цеца тешко ги поднесувала ограничувањата, особено забраната да пуши кога ќе посака.
„Постојано нè повикуваше да ѝ запалиме цигара. Понекогаш ја замолувавме да ни запее нешто, а таа за возврат бараше цигара“, изјавила поранешната вработена.

Особено внимание привлекло нејзиното тврдење дека пејачката морала да помине низ вообичаените затворски безбедносни проверки, вклучително и целосно соблекување за да се утврди дали крие недозволени предмети.
Чуварката тврди дека Цеца најмногу страдала поради разделеноста од семејството и децата, но и покрај тоа била дисциплинирана.
По излегувањето од притвор, пејачката и самата зборувала за тешките услови.
„Четири месеци поминав во ќелија од два на два метра, во нехумани услови. Беше толку студено што ми замрзнуваа коските“, изјавила тогаш Цеца.

Таа претходно открила и дека штрајкувала со глад, а поради претрпениот стрес имала и здравствени проблеми за кои била потребна медицинска интервенција.
Нејзината сестра Лидија исто така била во притвор, но според сведоштвото на чуварката, двете биле сместени одвоено и немале контакт.








