Жозе Мурињо е познат по својот строг тренерски пристап и конфликтите со фудбалерите, но неговиот однос кон поранешниот играч на Реал Мадрид, Педро Леон, останува една од најконтроверзните приказни од неговата кариера.
Леон пристигнал во Реал Мадрид во 2010 година од Хетафе, за трансфер вреден десет милиони евра. Сепак, наместо да добие вистинска можност да се докаже, се соочил со исклучително тежок третман од португалскиот стратег.
Мурињо јавно го критикувал фудбалерот, нагласувајќи дека не станува збор за играч од рангот на Зинедин Зидан или Диего Марадона и дека мора да ги исполнува неговите барања доколку сака да игра.
Но, особено внимание привлекува изјавата што, според сведоштвото на Давид Алонсо, Мурињо наводно му ја упатил на Леон.
„Ако авионот на Реал Мадрид се урне, а ти останеш дома, нема да играш ниту на следниот натпревар“, наводно му рекол Мурињо.
Според истите тврдења, тренерот му порачал и дека ќе му го загорчи животот и ќе направи да го замрази фудбалот доколку остане во клубот.
Леон подоцна признал дека таквиот однос длабоко го погодил.
„Се чувствував понижено. Ми пречеше начинот на кој го кажа тоа. Сè може да се каже на попристоен начин“, изјавил фудбалерот.
По само една сезона, Леон го напуштил Реал Мадрид, за кој одиграл 14 натпревари и постигнал два гола.
Интересно е што 15 години подоцна, Мурињо и Леон повторно се нашле на исто место, за време на натпреварот меѓу Реал Мадрид Кастиља и Мурсија.
Леон денес е претседател на Мурсија, клубот во кој ја завршил играчката кариера, додека Мурињо го следел натпреварот од трибините.
Засега не е познато дали двајцата се поздравиле или разговарале, но нивната повторна средба го привлече вниманието на шпанските медиуми и ги потсети фудбалските љубители на конфликтот од минатото.









