Познатиот босанскохерцеговски пејач Дино Мерлин со децении е една од најголемите музички ѕвезди на Балканот, но малкумина ја знаат животната приказна што ја дели со својата сопруга Амела, која ретко се појавува во јавноста.
Нивната љубов започнала уште во младоста, кога Дино имал само 17 години. Пејачот открил дека точно се сеќава на денот кога се заљубил во Амела – 8 август 1979 година.
Сепак, нивната врска не била прифатена од нејзините родители. Според медиумските пишувања, тие се противеле на љубовта бидејќи Амела потекнувала од побогато семејство, додека Дино тогаш посетувал браварско училиште и немал финансиска сигурност.
„Се боревме, се криевме, но никој не можеше да нè раздели. По пет години тајно се венчавме“, раскажал Мерлин во едно од своите интервјуа.
На свадбата присуствувале само неговиот кум и сестрата на Амела, која била кума.
Но, најтешките моменти допрва следувале. Пејачот се присетил на периодот кога, по една турнеја низ поранешна Југославија, се вратил дома без заработка.
„Сопругата ме пречека на вратата со бебето. Нашата ќерка Наида имаше околу шест месеци. Тивко ме праша дали сум донел нешто, бидејќи немавме пари ни за млеко. А јас немав ниту еден динар“, се присетил пејачот.
И покрај сиромаштијата и бројните пречки, Дино и Амела останале заедно и изградиле семејство.
Тие имаат две деца, ќерката Наида и синот Хамза, кои исто така ретко се појавуваат во јавноста. Хамза денес е дел од менаџерскиот тим на својот татко, а во 2020 година Дино Мерлин стана и дедо, кога се роди неговиот внук Незир.
Пејачот повеќепати истакнал дека токму Амела била неговата најголема поддршка низ сите животни и професионални предизвици.








