Илјадници граѓани се собраа вечерва на плоштадот „Бан Јелачиќ“ во Загреб на комеморација за 32-годишниот Кристијан Јосип Периш, кој пред еден месец почина во Психијатриската клиника „Свети Иван“. Собирот беше организиран во знак на сеќавање на младиот човек, но и како повик за утврдување на одговорноста за околностите во кои настапила неговата смрт.
На повик на семејството, присутните подигнаа бели перници, кои симболично ги претставуваат околностите поврзани со смртта на Периш. На комеморацијата се обратија неговата сестра Михаела, како и пејачот Марко Кутлиќ.
Кутлиќ повика да се утврди одговорноста на сите лица кои биле вклучени во постапувањето со Кристијан, нагласувајќи дека семејството и граѓаните повеќе не прифаќаат одговорноста да се префрла од една на друга институција или лице.
Тој посочил дека, покрај претходно објавените пет барања, семејството сега бара и институциите и поединците совесно да ги извршуваат работните обврски за кои се платени.
Семејството на Периш претходно побарало измени на прописите за физичко ограничување на психијатриските пациенти, задолжителен видеонадзор при спроведувањето на таквите постапки, како и испитување на сите вработени кои биле вклучени во постапувањето со Кристијан.
Меѓу барањата се и проверка на боледувањата на вработените во болницата по неговата смрт, како и промена на името на клиниката во „Психијатриска клиника Кристијан Јосип Периш“.
Собирот во Загреб прерасна во силна порака од семејството и граѓаните дека бараат одговори за трагедијата и утврдување на одговорноста за сите околности поврзани со смртта на 32-годишниот маж.








