ПРВ.мк
Свет

ЕВРОПА ПОВТОРНО ПОДЕЛЕНА ОКОЛУ МИГРАНТИТЕ: Пет членки на ЕУ планираат центар за депортација во оваа европска држава!

ЕВРОПА ПОВТОРНО ПОДЕЛЕНА ОКОЛУ МИГРАНТИТЕ: Пет членки на ЕУ планираат центар за депортација во оваа европска држава!

Пет земји членки на Европската Унија – Германија, Данска, Австрија, Грција и Холандија – планираат следната година да отворат центар за депортација на мигранти во Руанда. Ова е дел од поширок план за справување со лицата кои нелегално престојуваат на нивните територии и за кои е донесена одлука за депортација.

Според најавите, центарот ќе биде наменет исклучиво за мигранти кои ги исцрпеле сите правни можности за останување во овие пет европски земји и подлежат на депортација. Холандската влада објаснила дека ова би било алтернативно решение во случаите кога лицата не можат да бидат вратени во земјите од кои потекнуваат.

По пристигнувањето во Руанда, мигрантите би имале две можности – да се интегрираат во тамошното општество или да се вратат во својата матична земја.

Овој план се разликува од претходниот британски проект, кој предвидуваше испраќање на баратели на азил во Руанда додека се разгледуваат нивните барања. Тој проект никогаш не беше реализиран поради правни пречки, а британската влада го укина во 2024 година.

Иако петте земји тврдат дека планот е во согласност со европското и меѓународното право, идејата предизвика остри реакции. Шпанскиот премиер Педро Санчез жестоко ја критикуваше, оценувајќи дека во неа нема ниту хуманост ниту иднина.

„Во ова не гледам ниту трошка хуманост, ниту каква било иднина. Тоа едноставно не е решение“, изјавил Санчез за шпанската телевизија „Телесинко“.

Критики упати и францускиот претседател Емануел Макрон, додека организациите за човекови права предупредуваат дека ваквиот пристап може да доведе до повреда на правата на мигрантите.

Од друга страна, данската премиерка Мете Фредериксен го поддржала проектот, нарекувајќи го „многу модерен“. Британската влада, пак, не ја исклучува можноста да се приклучи на иницијативата, наведувајќи дека внимателно ќе го следи нејзиниот развој.

На заедничката прес-конференција во Виена, австрискиот канцелар Кристијан Штокер изјавил дека целта на петте земји е да го намалат притисокот врз европскиот систем за азил и да им застанат на патот на криумчарите кои организираат опасни патувања преку Средоземното Море.

Планот доаѓа по реформите на европскиот систем за миграција, кои отворија можност за создавање таканаречени центри за враќање надвор од границите на Европската Унија.

Најнови вести