Рускиот контејнерски брод „Спарта II“, кој претходно бил цел на напад со украински дронови во меѓународните води на Финскиот Залив, ја изгубил контролата и навлегол во територијалните води на Финска. Засега не е познато дали бродот превезувал воена опрема.
Командантот на финската гранична стража, Илија Иљин, за телевизијата YLE изјавил дека од бродот, според соопштението на руските власти, била евакуирана целата посада. Околу пловилото била воспоставена безбедносна зона, а според финските власти, во моментот нема опасност за поморскиот сообраќај или за луѓето.
Сепак, ситуацијата останува сериозна бидејќи пожарот на бродот сè уште не е ставен под контрола. Иљин предупредил дека, доколку пожарот продолжи подолго време, постои можност бродот да потоне, а не се исклучени ниту дополнителни експлозии.
„Немаме детални информации за товарот, па затоа не можам да кажам колкав е ризикот од експлозија. Факт е дека пожарот сè уште не е ставен под контрола, па можно е таму и понатаму да се случуваат експлозии“, изјавил Иљин.
Особено внимание привлекува сопственоста на бродот. „Спарта II“ е во сопственост на руската државна компанија „Оборонлогистика“, која е поврзана со Министерството за одбрана на Русија и се занимава со транспорт на воен товар.
Финската гранична стража засега не успеала да утврди што точно превезувал бродот. Според Иљин, можно е во товарот да има воена опрема, но тоа сè уште не е потврдено.
Тој додал дека доколку бродот биде доведен во Финска, неговиот товар би можел да биде прегледан доколку постојат причини за тоа. Засега, сепак, нема план ниту намера пловилото да биде пренесено во финско пристаниште.








