ПРВ.мк
Свет

ДРАМА НА НЕБОТО: Се запалил мотор на авион од Хонг Конг, итно принудно слетување во оваа држава!

ДРАМА НА НЕБОТО: Се запалил мотор на авион од Хонг Конг, итно принудно слетување во оваа држава!

Авион на авиокомпанијата „Ер Ниугини“, кој превезувал 146 патници и членови на екипажот од Хонг Конг кон Папуа Нова Гвинеја, денеска принудно слетал во градот Давао, на југот на Филипините, поради сомнеж за пожар во еден од моторите.

Според информациите од филипинските воздухопловни власти, пилотите преку индикаторите регистрирале можни искри или пожар во десниот мотор. Поради тоа, веднаш биле преземени безбедносни процедури и било побарано непланирано слетување во Давао, кратко по полноќ.

По слетувањето, сите 146 лица, односно 137 патници и девет членови на екипажот, безбедно го напуштиле авионот „Боинг 767-383ER“ преку итните евакуациски лизгалки, соопшти Управата за цивилно воздухопловство на Филипините, пренесува АП.

Патниците и екипажот биле пренесени до аеродромскиот терминал, каде што им била укажана помош и им бил обезбеден хотелски сместувачки капацитет.

Засега нема информации за повредени лица, ниту за материјална штета на авионот. Аеродромот во Давао бил затворен неколку часа за другите летови за да се овозможи спроведување на итните процедури, поради што биле откажани и два домашни лета.