ПРВ.мк
Наука/Технологија

ДАЛИ ВИ НАПРАВИ ИСТОРИСКИ ПРОБИВ? Вработен во Антропик тврди дека можеби решил огромен математички проблем!

ДАЛИ ВИ НАПРАВИ ИСТОРИСКИ ПРОБИВ? Вработен во Антропик тврди дека можеби решил огромен математички проблем!

Американскиот математичар Левент Алпоге тврди дека со помош на вештачка интелигенција успеал да ја докаже познатата Риманова хипотеза – еден од најзначајните и најдолго нерешени проблеми во математиката, кој се однесува на распоредот и зачестеноста на простите броеви.

Алпоге, кој е специјализиран за теорија на броеви и аритметичка статистика и е член на техничкиот персонал во компанијата за вештачка интелигенција „Антропик“, открил дека околу шест недели користел напредна, непублична верзија на четботот „Клод“ (Claude) за да создаде детален доказ за математичкиот проблем, пренесува „Гардијан“.

Римановата хипотеза ја формулирал германскиот математичар Бернхард Риман во 1859 година. Таа се однесува на распоредот на нетривијалните нули на Римановата зета-функција и има огромно значење за разбирањето на распределбата на простите броеви.

Алпоге го опишал наводното решение како „нова зора во науката“, оценувајќи дека тоа може да биде почеток на нешто многу поголемо. Доколку се потврди дека доказот е точен, би станувало збор за едно од најзначајните достигнувања во историјата на математиката.

Текстуалниот доказ што го изработил со помош на вештачката интелигенција е внесен во програмскиот јазик Lean, кој се користи за формална проверка на математички докази, а наводно содржи повеќе од 250.000 страници.

Сепак, тврдењето сè уште не значи дека Римановата хипотеза е решена. Познатиот математичар Теренс Тао изјавил дека проверката и верификацијата на доказот се уште далеку од завршени.