ПРВ.мк
Наука/Технологија

РОБОТ МАЛ КОЛКУ ДЛАНКА МОЖЕ ДА СПРЕЧИ ГОЛЕМА КАТАСТРОФА: Нова технологија за нуклеарните постројки!

РОБОТ МАЛ КОЛКУ ДЛАНКА МОЖЕ ДА СПРЕЧИ ГОЛЕМА КАТАСТРОФА: Нова технологија за нуклеарните постројки!

Американски научници развија минијатурен робот наречен SPIINE, кој може да се движи низ исклучително тесни цевки и да открива оштетувања во системите за складирање радиоактивен отпад.

Роботот е создаден во Националната лабораторија „Сандија“, а неговата главна задача е да ги проверува подземните цевководи во нуклеарниот комплекс Ханфорд, во американската сојузна држава Вашингтон.

SPIINE е долг само 15,2 сантиметри и широк приближно пет сантиметри, што му овозможува да поминува низ тесни цевки и да совладува остри свиоци од 90 степени.

Опремен е со камера со висока резолуција, прилагодливо LED-осветлување и специјални тркала кои му овозможуваат самостојно движење низ сложени цевководни системи.

Со роботот се управува преку стандарден контролер за видеоигри, додека снимките од внатрешноста на цевките се пренесуваат до операторите.

Комплексот Ханфорд бил изграден во 1943 година како дел од американската нуклеарна програма. Денес таму се складирани големи количества радиоактивен отпад, а старите подземни цевководи претставуваат сериозен предизвик за инспекција.

Научниците планираат роботот да го опремат и со дополнителни сензори кои ќе откриваат корозија, пукнатини и оштетувања што не можат да се забележат со обична камера.

Благодарение на специјалниот систем со кабли и дополнителни погонски модули, SPIINE е проектиран да поминува големи растојанија низ цевководите.

Досегашните лабораториски тестирања биле успешни, но роботот допрва треба да биде испробан во реални услови во Ханфорд.

Доколку технологијата се покаже ефикасна, таа би можела значително да ги намали трошоците за инспекција и ризикот од изложување на работниците на опасни радиоактивни материјали.