Украинската војска извела три напади врз Кримскиот мост во период од само четири дена, предизвикувајќи сериозни оштетувања на оваа стратешки важна сообраќајница преку која Русија го поврзува своето копно со окупираниот украински полуостров Крим.
Според проценките на европските разузнавачки служби, до кои имал увид „Фокс њуз“, станува збор за веројатно најуспешниот украински напад врз овој силно бранет објект досега.
На нападите им претходеле повеќенеделни операции насочени кон руските системи за противвоздушна одбрана, радари и опрема за електронско војување во околината на мостот. На тој начин, според разузнавачките проценки, Украина најпрво ја ослабнала неговата заштита, а потоа ја нападнала самата конструкција.
Во нападот со ракети и беспилотни летала на 17 ноември бил урнат голем дел од коловозот на мостот, долг околу 19 километри, кој се наоѓа во Керчкиот теснец. Оштетена била и соседната железничка пруга.
На 19 ноември следел и трет напад, при што повторно била погодена железничката инфраструктура, а железничкиот сообраќај бил целосно привремено прекинат.
Кримскиот мост е изграден од Русија по незаконската анексија на Крим во 2014 година, а официјално го отвори рускиот претседател Владимир Путин во 2018 година. Освен што има големо симболично значење за Кремљ, мостот претставува важна транспортна рута за снабдување на руските сили на Крим и во јужните делови на Украина.
Европските разузнавачи проценуваат дека поправките би можеле да траат со месеци. Ограничен патен сообраќај би можел да биде воспоставен за неколку недели, но замената на урнатиот дел од конструкцијата ќе бара значително повеќе време, особено доколку продолжат украинските напади.
Оштетувањата над каналот Керч-Јеникале би можеле да создадат проблеми и за бродскиот сообраќај меѓу Црното и Азовското Море.
Поранешниот врховен командант на силите на НАТО во Европа, пензионираниот генерал Филип Бридлав, смета дека целта на Украина не е само физичко оштетување на мостот, туку и долгорочно слабеење на руската контрола врз Крим.
Тој посочува дека Украина со помош на поморски и воздушни беспилотни летала веќе ја потиснала руската Црноморска флота, поради што Русија има значително ограничени можности за снабдување по морски пат.







