ПРВ.мк
Балкан

СПРЕЧЕН МОЖЕН МАСАКР ВО УЧИЛИШТЕ ВО: 14-годишник подготвувал вооружен напад поради врсничко насилство!

СПРЕЧЕН МОЖЕН МАСАКР ВО УЧИЛИШТЕ ВО: 14-годишник подготвувал вооружен напад поради врсничко насилство!

Грчката полиција спречила наводен план за вооружен напад во училиште, зад кој стоело 14-годишно момче кое, според неговите тврдења, подолг период било изложено на врсничко насилство.

Случајот, кој надлежните го оценуваат како досега невиден во Грција, бил откриен откако странска безбедносна агенција доставила информации за закани за масовно пукање објавени преку апликацијата „Телеграм“, пренесува „Екатимерини“.

По добиените информации, грчката антитерористичка служба започнала истрага и утврдила дека зад профилот стои 14-годишен тинејџер.

Според полициските сознанија, момчето истражувало претходни вооружени напади во училишта, се обидувало да набави огнено оружје и воена опрема, а размислувало и нападот да го снима и да ја објави снимката на интернет.

Во текот на подготовките, како што наведуваат истражителите, тинејџерот купил и нож долг 35 сантиметри.

При разговорот со полицијата, момчето изјавило дека сакало да им се одмазди на група од 10 до 15 малолетници, за кои тврдело дека постојано го навредувале, понижувале и физички напаѓале.

Надлежните засега не пронашле докази дека момчето било идеолошки радикализирано или дека имало терористички мотиви.

Според истражителите, станува збор за случај во кој наводното долгогодишно врсничко насилство довело до желба за одмазда насочена кон конкретни лица.

Грчките власти продолжуваат со испитување на околностите, додека случајот повторно го отвора прашањето за сериозните последици од врсничкото насилство и потребата од навремено препознавање на заканите во училиштата.