Универзитетската диплома повеќе не е единствениот пресуден фактор при вработување во Европа. Сè поголем број компании при изборот на нови работници им даваат значење на практичното знаење, искуството и конкретните способности на кандидатите.
Според анализа на „Euronews Business“, која се повикува на податоци и експертски согледувања од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), европскиот пазар на трудот постепено се насочува кон вработување засновано на докажани вештини, а не исклучиво на формални квалификации.
Ова значи дека кандидатите кои можат да покажат реални резултати, успешно да извршат практични задачи и да докажат дека поседуваат конкретно знаење, стануваат сè поконкурентни при барањето работа.
Сепак, експертите нагласуваат дека дипломите не го губат целосно своето значење. Во професии како медицината, правото и другите регулирани дејности, соодветното образование и понатаму останува задолжителен услов.
Промените се поттикнати од забрзаниот технолошки развој, дигитализацијата, примената на вештачката интелигенција и недостигот од квалификувани работници во повеќе сектори.
За оние кои бараат работа, пораката е јасна: дипломата и понатаму е важна, но практичните вештини, дополнителните обуки и постојаното усовршување можат да бидат клучни за добивање работно место.
Работодавачите сè повеќе сакаат да видат не само што завршил кандидатот, туку и што навистина знае да работи.






