Шоџи Моримото од Токио стана познат по една од најнеобичните професии во светот – заработува така што им прави друштво на луѓе, без да извршува конкретна работа.
Неговите клиенти го ангажираат за најразлични активности: да оди со нив на пијалак, да ги придружува на одредено место, да ги чека или едноставно да им мавта додека заминуваат со воз.
Моримото објаснува дека неговата работа не подразбира целосно молчење, туку минимална комуникација.
„Јадам и пијам со клиентите, а на нивните едноставни прашања давам едноставни одговори“, вели тој.
Една од неговите клиентки го ангажирала бидејќи сакала да излезе во јавност облечена во традиционално индиско сари, но се плашела од реакциите на пријателите. Со Моримото се чувствувала послободно бидејќи немала обврска да води разговор или да го забавува.
За своето друштво претходно наплаќал меѓу 10.000 и 30.000 јени за средба од два до три часа, односно приближно 60 до 180 евра за целиот ангажман, зависно од курсот.
Кон крајот на 2024 година вовел нов модел, според кој клиентите сами одлучуваат колку ќе му платат.
Сепак, постојат работи што категорично ги одбива.
Не прифаќа физичка работа, како преместување мебел или фрижидер, ниту барања од сексуална природа.
Меѓу неговите необични ангажмани се и чекање тркач на целта на маратон и видеоповик со жена додека таа ја средувала својата соба.
Своите искуства ги преточил во книгата „Rental Person Who Does Nothing“, односно „Личност за изнајмување која не прави ништо“.
Интересно е што идејата се родила откако поранешен шеф му рекол дека со ништо не придонесува на работното место.
Тогаш Моримото се запрашал дали постои простор во општеството за човек чија единствена услуга е – едноставно да биде присутен, без очекувања и осудување.







