ПРВ.мк
Свет

КАТАСТРОФА ЗА ПОЗНАТИТЕ ПИЦЕРИИ: Затворени над 9.600 локали, продажбата паѓа – што ги уништува некогашните гиганти?

КАТАСТРОФА ЗА ПОЗНАТИТЕ ПИЦЕРИИ: Затворени над 9.600 локали, продажбата паѓа – што ги уништува некогашните гиганти?

Големите американски синџири на пицерии се соочуваат со сериозна криза, а од 2019 година до јули 2026 година во САД се затворени повеќе од 9.600 пицерии. Намалената продажба, растечките цени и променетите навики на потрошувачите создаваат сè поголеми проблеми за познатите брендови.

Според анализата на CNBC, меѓу погодените компании се „Доминос“, „Папа Џонс“ и „Пица Хат“.

Податоците на компанијата за истражување на пазарот „Датасеншл“ покажуваат дека во август 2019 година во САД работеле рекордни 83.035 пицерии, но оттогаш нивниот број значително се намалил.

„Папа Џонс“ забележал пад на продажбата од 2,5 проценти во Северна Америка во 2025 година, додека „Пица Хат“ регистрирал пад од пет проценти на американскиот пазар.

Од трите големи синџири, единствено „Доминос“ остварил раст на споредливата продажба од три проценти.

Кризата се одразила и на берзата. Акциите на „Папа Џонс“ изгубиле приближно две третини од вредноста од март 2020 година.

Една од главните причини е сè поголемата конкуренција. Платформите за достава денес нудат огромен избор на храна, па пицериите се натпреваруваат и со синџири како „Мекдоналдс“.

Дополнителен проблем се високите цени. Просечна голема пица со сирење во САД сега чини речиси 17 долари, што ги принудува потрошувачите внимателно да ги планираат трошоците.

Интересно е што врз продажбата влијае и растечката употреба на лекови за третман на дебелина од групата GLP-1, кои го намалуваат апетитот.

Според истражување на PwC, домаќинствата што користат вакви лекови по шест до осум месеци трошеле 22,2 проценти помалку во ресторани за брза храна специјализирани за пица.

Сепак, експертите сметаат дека ова не значи крај за индустријата.

„Пицата нема да исчезне. Американците ја сакаат“, порачува Дејвид Порталатин, советник во компанијата „Сиркана“.

Иако пазарот минува низ големи промени, аналитичарите очекуваат пицериите да се приспособуваат на новите навики и барања на потрошувачите.