Европа се соочува со потенцијално сериозен енергетски предизвик во текот на зимата 2026/2027 година поради временскиот феномен познат како „Дункелфлауте“, кој може да предизвика нагло зголемување на цените на електричната енергија.
Станува збор за подолг период со многу малку сончева светлина и ветер, поради што соларните електрани и ветерните паркови произведуваат значително помалку струја.
Проблемот станува особено изразен кога ваквите временски услови се совпаѓаат со ниски температури и зголемена потрошувачка за греење.
Колку сериозни можат да бидат последиците покажува примерот на Германија, каде што во одредени вечерни часови берзанската цена на струјата надминала 570 евра за мегават-час.
На 10 ноември просечната цена достигнала околу 351 евро за мегават-час.
Експертите предупредуваат дека слични ценовни скокови би можеле да се повторуваат во текот на зимата, особено при подолги студени бранови.
Енергетските пазари на Балканот исто така се изложени на ваквите промени, бидејќи електроенергетските системи се меѓусебно поврзани и земјите тргуваат со електрична енергија.
Во Србија, според објавените податоци, просечната берзанска цена во октомври достигнала 234,31 евро за мегават-час, што претставува зголемување од 56,2 проценти во однос на септември.
Дополнителен проблем претставуваат ниските водостои, кои ја намалуваат продукцијата на хидроелектраните.
Сепак, растот на берзанските цени не значи автоматски и поскапи сметки за домаќинствата, особено во земјите каде што цените за граѓаните се регулирани.
Според проценката на Европската мрежа на оператори на преносни системи за електрична енергија (ENTSO-E), не се очекува општа енергетска криза или масовен недостиг на струја во Европа оваа зима.
Најголемите ризици за снабдувањето се посочуваат во Украина и Молдавија, додека за Србија не се предвидуваат проблеми со обезбедувањето доволни количества електрична енергија.
За Македонија во пренесената анализа нема посебна проценка, но движењата на европските и регионалните пазари можат да влијаат врз трошоците за набавка на електрична енергија.
Експертите нагласуваат дека стабилноста на системот ќе зависи од временските услови, расположливите производствени капацитети и можноста за увоз на електрична енергија.








