ПРВ.мк
Свет

МИЛИОНИ ЗА ПРИВЛЕКУВАЊЕ СТРАНСКИ РАБОТНИЦИ: Оваа земја сака да стане рај за работа од далечина

МИЛИОНИ ЗА ПРИВЛЕКУВАЊЕ СТРАНСКИ РАБОТНИЦИ: Оваа земја сака да стане рај за работа од далечина

Италијанскиот остров Сардинија започнува амбициозен проект вреден 10 милиони евра, чија цел е да привлече дигитални номади и луѓе што работат од далечина, со што би се оживеале помалите населени места и би се спречило иселувањето на населението.

Регионалната влада го одобрила пилот-проектот „Дестинација дигитални номади“, кој предвидува создавање модерни простори за работа и развој на локални иновациски центри.

Според италијанскиот весник „Il Sole 24 Ore“, за проектот се предвидени три милиони евра во 2026 година и дополнителни седум милиони во 2027 година.

Посебно внимание ќе им биде посветено на малите општини, руралните средини и оддалечените делови од островот, каде што бројот на жители со години се намалува.

Средствата ќе се користат за реконструкција на јавни објекти, нивно технолошко опремување и претворање во современи центри за заедничка работа.

Целта е професионалците што работат преку интернет да добијат услови за работа и престој, а локалните заедници нови економски можности.

Регионалниот функционер задолжен за иновации, Себастијан Коко, објаснил дека проектот е дел од поширока стратегија што дополнително ќе биде регулирана со иден регионален закон за дигитални номади.

Тој нагласил дека намерата не е само да се изградат технолошки опремени простории, туку да се создадат центри што ќе ги поврзуваат младите, компаниите, експертите и локалното население.

На тој начин се очекува размена на знаења, развој на нови идеи и поттикнување на локалната економија.

„Работата од далечина може да стане нов двигател на регионалниот развој, доколку успееме привлечените професионалци трајно да ги поврземе со локалните заедници“, истакнал Коко.

Со оваа иницијатива, Сардинија сака да се позиционира како атрактивна европска дестинација за работа од далечина, комбинирајќи современа дигитална инфраструктура со природните убавини и начинот на живот на медитеранскиот остров.

Засега станува збор за инвестиции во инфраструктура и работни простори, а не за директна исплата на пари на странските работници.