Скопје ќе ја дочека Новата 2027 година со организирана прослава, македонска музика и домашни изведувачи, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Во своето вклучување во живо на Фејсбук, каде што разговараше со граѓаните за подготовката на градскиот буџет за 2027 година, Ѓорѓиевски откри дел од плановите за претстојните новогодишни празници.
Главниот акцент на прославата ќе биде ставен на македонските музичари, кои ќе имаат можност да настапат пред скопската публика и да ја создадат празничната атмосфера во главниот град.
Градоначалникот посочи дека иако постоеле различни мислења во неговиот тим и меѓу граѓаните, одлучил годинава предност да им даде на домашните изведувачи.
„Мислам дека имаме широк спектар наши уметници кои се познати не само во Македонија туку и пошироко. Најдоброто е домашното“, истакна Ѓорѓиевски.
Според најавите, празничната програма нема да биде ограничена само на новогодишната ноќ, туку ќе започне приближно 15 дена пред 31 декември.
Во подготовката на културно-забавниот дел и ангажирањето на музичките изведувачи поддршка ќе обезбеди и „Државната лотарија“.
Ѓорѓиевски најави и дека Скопје годинава ќе биде навреме новогодишно украсено, наместо украсувањето да се одвива во последните денови од декември.
Со ова, градските власти планираат да создадат празнична атмосфера која ќе трае повеќе денови и ќе им овозможи на граѓаните да уживаат во музички и забавни содржини пред почетокот на 2027 година.
Деталната програма и имињата на изведувачите дополнително треба да бидат објавени.









