Камион што превезувал азотна киселина се преврте во текот на ноќта на автопатот А57 кај градот Крефелд во западна Германија, при што дојде до истекување на опасната материја. Поради ова, властите издадоа предупредување за екстремна опасност, а одредени училишта и градинки беа затворени цел ден.
Возачот на камионот е повреден во несреќата и бил пренесен во болница, соопшти портпаролот на противпожарната служба, а пренесува „Шпигел“.
Надлежните служби го предупредија населението за сериозни здравствени ризици поради истекувањето на азотната киселина, која има изразено корозивни својства.
Преку системот за итно предупредување „Нина“, на граѓаните им беше упатено предупредување од највисок степен на опасност, со совет веднаш да се сместат во затворени простории, да ги затворат прозорците и вратите и да ги исклучат вентилационите и клима-уредерите.
Поради инцидентот, делумно е прекинат и железничкиот сообраќај во тој дел од покраината Северна Рајна-Вестфалија.
Во интервенцијата учествуваат околу 150 припадници на противпожарните служби, кои работат на запирање на истекувањето и преточување на киселината од камионот. Ангажирани се и специјализирани единици за интервенции во случај на опасни материи.
Подрачјето околу местото на несреќата е обезбедено во круг од еден километар.
Азотната киселина е една од важните индустриски хемикалии и меѓу другото се користи во производство на вештачки ѓубрива и експлозиви. Во случај на неконтролирано ослободување, таа може да претставува сериозна опасност по здравјето на луѓето.








