Четириесет и седумгодишниот М.А. од Велес, кој е под истрага поради сомневања дека на пациенти со рак им аплицирал непозната супстанца претставувајќи ја како „кубанска вакцина против рак“, добил дополнителни мерки за претпазливост. Му е забрането да го напушта своето живеалиште, односно да го напушти Велес, потврдиле од Обвинителството за „Слободен печат“.
Од Обвинителството информираат дека истрагата е во тек и дека активно се работи на расчистување на случајот, кој беше отворен по серијата сведоштва објавени во медиумите од семејства на пациенти. Според нивните искази, М.А. им давал инјекции на нивните блиски, тврдејќи дека станува збор за „кубанска вакцина против рак“, за што наводно наплатувал по 3.200 евра за една доза.
Покрај забраната за напуштање на живеалиштето, на осомничениот претходно му бил одземен пасошот и му била изречена обврска редовно да се јавува во судот. Обвинителството, исто така, стапило во контакт со повеќе медицински установи во Србија кои се занимаваат со кубанска медицина, со цел да провери дали тие имаат каква било поврзаност со велешанецот.
Во рамки на истрагата биле извршени претреси на неколку локации, меѓу кои и во здружение на лица со телесен инвалидитет во Велес, со кое бил поврзан М.А. Според неофицијалните информации, таму биле пронајдени одредени медицински препарати, кои потоа биле предадени на вештачење.
Во меѓувреме, повеќе граѓани од различни градови во Македонија сведочеле дека нивните блиски ја примале спорната супстанца во домашни услови, а во голем дел од случаите станувало збор за пациенти кои починале по третманот.
Според сведоштвата, велешанецот им објаснувал дека станува збор за кубанска вакцина, изнесувајќи медицински тврдења кои, според семејствата, биле нереални и неосновани. Некои од пациентите на кои им ја аплицирал супстанцата биле во терминална фаза на болеста. Дополнително, наводно ја нудел на лица со различни видови карцином, иако оригиналната кубанска терапија е наменета само за одреден вид рак на белите дробови.
Семејствата тврдат дека за третманот плаќале исклучително високи суми. Едно семејство кое живее во странство, на пример, собрало пари преку донации и му исплатило на М.А. вкупно 15.000 евра за пет дози од супстанцата за која верувале дека е вистинска кубанска вакцина.
Пациентот поради третманот се вратил во Македонија, каде што последните месеци од животот ги поминал во Струмица за да ги прима инјекциите. Неговата сопруга, која разговарала со „Слободен печат“, изјавила дека никогаш нема да му прости на лицето кое, според нејзините тврдења, ја измамило нејзината фамилија.
Таа раскажала дека последните четири месеци од животот на нејзиниот сопруг, наместо да ги помине со неа и нивните деца, тој бил сам во Македонија, надевајќи се дека третманот ќе му помогне. Семејството, како што наведува, верувало во ветувањата дека станува збор за вистинска вакцина.
Покрај сомнежите за измама, М.А. се истражува и за кривичното дело надрилекарство. Причината е тоа што тој, според досегашните информации, не е медицинско лице, а на пациенти со рак низ Македонија им аплицирал супстанци чиј состав сè уште не е утврден.
Особено загрижува фактот што кубанската вакцина против рак не е регистрирана во Македонија, а засега не е потврдено ниту што точно содржат инјекциите што им ги давал на пациентите.
За случајот сведочел и Ненад Младеновски од Куманово, кој за „Слободен печат“ изјавил дека М.А. ја продавал супстанцата користејќи лажни уверувања, наводни препораки и имиња на познати личности. Меѓу нив, според неговото сведоштво, го споменувал и Талат Џафери, тврдејќи дека и тој веќе ја купил вакцината.
Џафери ги демантирал овие тврдења. Тој изјавил дека никогаш не ја купил вакцината, дека за неа првпат слушнал од „Слободен печат“ и дека неговото име било злоупотребено со цел да се придобие довербата на потенцијалните клиенти.
Од Обвинителството за „Слободен печат“ информирале и дека сите граѓани кои по објавувањето на случајот сакаат да дадат исказ пред јавен обвинител во Скопје ќе имаат можност да го направат тоа.
Вистинската кубанска вакцина била разгледувана и на Клиниката за онкологија
За разликата меѓу оригиналната кубанска вакцина и супстанцата што наводно ја продавал велешанецот зборувал и поранешниот директор на Клиниката за онкологија, доктор Милан Ристевски.
Тој за „Слободен печат“ открил дека во 2015 година, додека бил директор на Клиниката, таму навистина пристигнала делегација од Куба, која сакала да разговара за вистинската вакцина.
Ристевски објаснил дека тогаш дал одобрение вакцината да може да се применува, но бил категоричен дека Клиниката нема да ја купува бидејќи не се наоѓала на позитивната листа на лекови.
За нејзина примена било неопходно пациентот претходно да помине геномско испитување. Вакцината била наменета исклучиво за неситноклеточен карцином на белите дробови, поради што само мал дел од пациентите би ги исполнувале условите за нејзино примање.
„Дојде нивна делегација на Клиниката за онкологија во 2015 година. Одобрив да се дава вакцината, но бев дециден дека како Клиника нема да ја купиме бидејќи не е на позитивната листа. За да се даде на пациент мораше да се направи геномско испитување, поточно беше само за неситноклеточен карцином на белите дробови и едвај пет проценти од пациентите би биле кандидати за неа. Ја прими само еден доброволец кој сега е починат. Вкупниот број на вакцини што ги добивме на клиниката и беа само за него, беше четири вакцини. Кубанските вакцини му беа аплицирани исклучиво во болнички услови“, изјавил онкологот Ристевски.
Сведоштвата на семејствата откриваат и други случаи во кои, според нивните тврдења, биле платени големи суми за спорните инјекции. Една жена дури успеала да ја пренесе супстанцата во Соединетите Американски Држави за својот син, кој боледувал од рак.
Бидејќи ниту еден американски лекар не сакал да ја аплицира инјекцијата, мајката морала самата да му ја даде, следејќи ги инструкциите што М.А. ѝ ги испраќал преку Вибер. За три дози од она што ѝ било претставено како кубанска вакцина, семејството му платило вкупно 10.000 евра. Една од инјекциите, според сведоштвото, му била аплицирана во бањата „Катланово“. Младиот пациент подоцна починал.
Семејствата на починатите и на пациентите кои ја примиле спорната течност сега бараат надлежните итно да го утврдат нејзиниот точен хемиски состав. Тие сакаат да дознаат какви супстанци всушност примале нивните блиски и дали постои каква било врска меѓу нивната примена и здравствените последици.
Меѓу оние кои бараат одговори е и ќерката на починатиот Димче Димовски од Велес, која и самата работи како медицинско лице. Таа за „Слободен печат“ раскажала дека во моментите кога нејзиниот татко се борел за живот, како и многу други семејства, се фатила за последната надеж.
Верувала дека вакцината е автентична и дека може да му помогне на татка си. Во таа верба останала сè до неодамна, кога во јавноста се појавиле обвинувањата против велешанецот и почнале да се откриваат сведоштвата на семејствата кои тврдат дека биле измамени.




