Со свечен настан синоќа беше одбележан големиот јубилеј — 50 години од основањето на Општина Карпош, една од најубавите и најпрепознатливите скопски општини. На одбележувањето присуствуваше и министерот за здравство, Сашо Клековски, кој е долгогодишен жител на оваа населба и со емотивна порака го честиташе половинавековниот јубилеј.
Клековски се присети на своите детски и училишни денови поминати во Карпош:
„За мене ова не е само уште еден настан. Во Карпош живеам од 1972 година, подолго отколку што постои самата општина. Најголемиот дел од тоа време го поминав во Карпош 4, а пократко живеев и во Влае. Осмолетка завршив во тогаш 'Иван Горан Ковачиќ', сега 'Петар Поп Арсов' во Карпош 4, а потоа гимназија во 'Никола Карев'. Тука се моите соседи, пријатели и спомени.“
Тој истакна дека Карпош е еден од најубавите делови на Скопје, преполн со луѓе кои искрено се грижат за своето место, што е резултат на трудот на генерации жители во изминатите пет децении.
„Честит јубилеј, драги соседи и сограѓани! Карпош да биде уште подобар и во наредните 50 години“, порача министерот Клековски во својата честитка.



