Загрижувачка статистика за семејното насилство во земјава објави Министерството за внатрешни работи за првите девет месеци од 2026 година.
Во периодот од јануари до септември, на територијата на целата држава се регистрирани вкупно 1.337 кривични дела од областа на семејното насилство. За овие дела се пријавени 1.388 сторители (1.278 мажи и 110 жени), а евидентирани се 1.433 жртви, од кои мнозинството се жени — дури 1.144, додека 289 се мажи.
Покрај кривичните дела, во истиот период се регистрирани и:
- 191 прекршок поврзан со семејно насилство, во кои учествувале 228 сторители (196 мажи и 32 жени) и 221 жртва (126 мажи и 95 жени).
- 3.869 поплаки за семејно насилство, каде што се пријавени 3.971 сторител (3.090 мажи и 881 жена) и 3.961 жртва (1.394 мажи и 2.567 жени).
Поради оваа црна статистика, Министерството за внатрешни работи упатува силен апел до сите граѓани да не молчат и да не го премолчуваат семејното насилство, туку навремено да го пријавуваат секој таков случај.
Важно за сите граѓани: Секој што е жртва на семејно насилство или има сознанија за вакви случаи, може веднаш да пријави во најблиската полициска станица или на бесплатните телефонски броеви 112 и 192.




