ПРВ.мк
Црна Хроника

ПОЗАЈМУВАЛЕ ПАРИ ЗА ЛЕКУВАЊЕ, А ПОТОА ГИ УЦЕНУВАЛЕ СО ДОЛГОВИ: Нови детали за групата од Куманово поврзана со Штука!

ПОЗАЈМУВАЛЕ ПАРИ ЗА ЛЕКУВАЊЕ, А ПОТОА ГИ УЦЕНУВАЛЕ СО ДОЛГОВИ: Нови детали за групата од Куманово поврзана со Штука!

Граѓани кои земале пари на заем за лекување на свои блиски или за покривање други потреби, според сомневањата на Обвинителството, завршувале во круг на долгови, закани и изнуда. Дури и откако ќе ги врателе позајмените средства заедно со високите камати, осомничените продолжувале да бараат нови исплати, а во одредени случаи ги користеле и нивните банкарски сметки за префрлање пари прибавени со незаконски активности.

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција соопшти детали за полициската акција и претресите спроведени во Куманово, по што отвори истрага против четири лица осомничени дека биле дел од злосторничко здружение кое се занимавало со изнуда и перење пари.

Според медиумските објави, за наводен организатор на групата бил посочен кумановецот Драган Петровски, познат како Штука.

За тројца од осомничените Обвинителството побарало притвор, додека четвртиот извесен период се наоѓа надвор од државата. Во случајот е опфатен и нотар, кој се сомничи за несовесно работење во службата. За него е доставен предлог за определување мерки на претпазливост.

Според истрагата, групата била формирана во 2021 година од првоосомничениот. Нејзините членови наводно со сериозни закани изнудувале пари од граѓани кои претходно земале заеми, искористувајќи ја нивната финансиска зависност и тешката положба во која се наоѓале.

Еден од случаите се однесува на жена која од првоосомничениот позајмила 4.000 евра. Според усниот договор, таа требало да ги врати во рок од еден месец, со дополнителна камата од 2.500 евра.

Иако жената го исплатила целиот договорен износ, осомничениот потоа побарал да ја користи нејзината банкарска сметка за преку неа да префрла пари за кои постои сомнение дека биле прибавени со изнуда.

Кога таа го одбила барањето, започнале заканите. Од жената било побарано да го стави својот автомобил како наводен залог за долгови кои, според истрагата, биле фиктивни.

По налог на осомничениот биле подготвени два документа – фиктивен договор за купопродажба на возилото и договор за заем во вредност од еден милион денари. На двата документа бил фалсификуван потписот на жената, која била претставена како заемопримач. Документите потоа биле заверени кај нотар без нејзино знаење.

Со помош на овие документи, осомничените повторно ѝ се заканувале на жената, барајќи да го предаде автомобилот и да го исплати наводниот долг. Сопственоста на возилото била префрлена на едно од осомничените лица, а жената била принудена да им исплати и дополнителна сума пари.

Другиот случај опфатен со истрагата се однесува на маж кој во 2021 година двапати позајмил по 180.000 денари од осомничениот организатор на групата. Парите му биле потребни за лекување на неговата сопруга.

Иако ги вратил позајмените средства согласно договорите, осомничените продолжиле да му бараат дополнителни исплати, претставувајќи ги како камата. Искористувајќи ја неговата финансиска зависност, го принудиле да им ја стават на располагање неговата банкарска сметка.

Преку сметката, според сомненијата, биле префрлани големи суми пари прибавени со изнуда. Трансакциите формално биле прикажувани како заеми, по што средствата биле повлекувани во готовина.

Истрагата следува по полициската акција спроведена во Куманово на 5 ноември. Тогаш припадници на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи извршиле претреси на повеќе локации, меѓу кои и во менувачница и нотарска канцеларија.

Во медиумите, повикувајќи се на неофицијални информации, беше објавено дека за наводен организатор на групата се посочува Драган Петровски – Штука. Беа објавени и информации дека при претресите биле пронајдени пари, возила и документација.

Надлежните институции продолжуваат со истрагата за да ги утврдат сите околности, улогата на секој од осомничените и целосниот обем на активностите за кои се товарат. Сите наводи се предмет на истражна постапка, а вината на осомничените треба да биде утврдена во судска постапка.