Осум припадници на српската полиција се уапсени под сомнение дека се поврзани со смртта на Далибор Драгијевиќ, кој почина во полициска станица во Бор во април 2024 година. Тој беше брат на Дејан Драгијевиќ, еден од двајцата обвинети за убиството на двегодишната Данка Илиќ, објави „Нова.рс“.
Според неофицијални информации, истрагата ја води Вишото јавно обвинителство во Ниш, кое би можело да нареди и дополнителни апсења. Осумтемина уапсени се припадници на Одделението за специјални акции при Управата на криминалистичката полиција.
Далибор Драгијевиќ бил приведен на 6 април 2024 година, под сомнение дека му помогнал на својот брат да го сокрие телото на девојчето. Следниот ден починал додека бил во полициско задржување.
По неговата смрт, српското Министерство за внатрешни работи првично соопштило дека станува збор за природна смрт. Сепак, резултатите од обдукцијата покажале поинакви наоди. Според медиумските информации, кај Драгијевиќ биле утврдени тешки телесни повреди, меѓу кои скршени ребра и бројни подливи по телото, а како причина за смртта биле наведени повредите.
Новите апсења доаѓаат во период кога во Вишиот суд во Неготин започна судењето на Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ, обвинети за тешкото убиство на двегодишната Данка Илиќ.
Девојчето исчезна на 26 март 2024 година во Бањско Поле, во близина на Бор, а нејзиното тело и понатаму не е пронајдено.
Двајцата обвинети негираат дека го извршиле делото. Тие тврдат дека првичните признанија им биле изнудени со физичко насилство и закани. Обвинителството, пак, за нив бара казна доживотен затвор.
Истрагата за смртта на Далибор Драгијевиќ треба да ги утврди околностите под кои настанала, како и евентуалната одговорност на полициските службеници кои биле вклучени во неговото приведување и задржување.




